Грешките кобни во финишот, реми на Пролет и Тиквеш

Екипите на Пролет 62 и Тиквеш одиграа израмнет натпревар во салата „Македонско Сонце“ со кој се затвори второто коло во Суперлигата и заврши без победник (23-23). Резултатот наизменично го менуваа екипите, а Тиквеш беше поблизу до победата, но не реализира во последниот напад. Ако се сумираат сите работи, ремито е реален исход.

  • Комплетниот натпревар меѓу Пролет 62 и Тиквеш 2014:

Дуелот тргна во знакот на Тиквеш, затоа што гостите од Кавадарци цело време имаа предност во воведните минути од дуелот во салата на Пролет. Беше 4-6, па 8-10, а проблемите за избраниците на Грчевски започнаа пред финишот на првото полувреме. Резултатот гласеше 8-11, кога Пролет на Јовиќ влезе во супер-серија и со 7-1 и голови на Бакар, Шилегов и Стојановски, на пауза замина со предност од 16-12.

Паузата му годеше на Тиквеш, па со добра тимска игра и повеќе различни стрелци се врати во дуелот. Тимот на Грчевски прво дојде на 18-17, па израмни на 21-21 и оттогаш мечот до крајот беше драматичен. На влезот во последните пет минути беше 22-22, а по гол на Бакар од пенал, Палевски украде топка, па Пролет имаше напад да го реши дуелот, ама Велков го фати шутот на Мајнов. Тиквеш тргна кон израмнување и дојде до 23-23 преку Манасков на минута пред крајот, на спротивната страна Василевски направи престап, па Тиквеш ги имаше последните 19 секунди и напад за победа. Но, не се реализира, па мечот заврши без победник.

Најдобар стрелец кај Пролет на овој натпревар беше Бакар со седум гола, пред Шилегов и Андоновски со по пет постигнати гола. Кај Тиквеш, Обина погоди шест пати, додека Мијатовиќ, Димовски, Манасков и Летиќ дадоа по три гола.

Во следното суперлигашко коло Пролет ќе ја бара првата победа на гости кај Струга, додека Тиквеш е домаќин на МРК Куманово.