Симиќ блесна и ги откажа Грците, Црна Гора се врати на Мундијалите

Ракометната репрезентација на Црна Гора ја победи Грција со 33-25 (16-12), ја анулира негативата од првиот натпревар и се пласира на Светското првенство во Шведска и Полска. Откако Грците дома го надиграа ривалот со 25-23, паднаа под притисокот во „Морача“ и не го исполнија сонот за настап на Мундијалот. 

Црногорците поведени од одличната атмосфера поведоа уште на стартот со 3-0, а иако гостите се вратија до 4-3, следеше ново мини-одлепување. Домаќинот имаше целосна контрола, Грција беше без сили за кам-бек до егал и пред паузата се распадна нејзината игра. Црна Гора ги казни грешките, па на пауза замина со 16-12. 

На стартот на продолжението Грците беа во налет, во четири наврати приоѓаше на по еден гол дефицит, но тоа беше сè. По 21-20, со серија од 8-2 селекцијата на Црна Гора успеа да се одлепи на 29-22 и веќе беше јасно кој ќе биде патник на Мундијалот. Во завршницата репрезентацијата на Грција целосно потфрли, па од 29-25 дозволи убедлив пораз од осум разлика. 

Бранко Вујовиќ беше најдобар на средбата со девет реализации, додека му помогна Милош Вујовиќ со шест од шест. Во таборот на Грција, пак, Димитрос Цирас постигна осум гола. Одличен беше голманот Симиќ кој заврши со 18 одбрани. За Црна Гора ова е прв настап на СП по 2013 година.