„Грција од нас учеше ракомет, а сега си дозволивме да ни одржи лекција како се гине за репрезентацијата“

Ракометната репрезентација на Македонија, која во минатото нè правеше горди на големите собири, изминатиот викенд го забележа можеби најболниот и најтешкиот пораз во историјата.

Во рамки од второто коло на квалификациите за Европското првенство 2020 година, нашите момци загубија со само два разлика, но еднакво на 20, кога се знае дека неуспехот ни го нанесе една Грција, која е тотален анонимус во светскиот ракомет. Македонија како голем фаворит отпатува за Кожани, но таму како да гледавме некоја друга репрезентација, без жар, без мотив и тотално деконцентрирана и индиспонирана. 

Да, поразите се составен дел од спортот и истите често знаат да бидат корисни за лоцирање на слабостите, но она што им се случи на нашите ракометари во Грција не смееме да си дозволиме да ни се повтори, а веќе на следните натпревари во овие квалификации мора да докажеме дека неделата била само лош ден.

Дека игравме против репрезентација која речиси и да нема никаква ракометна историја, ниту пак поголеми амбиции за во иднина, за Gol.mk потврди нашата ракометна легенда Абдула Јусуфовски. Некогашниот незаменлив десен бек во македонскиот ракомет и член на првата репрезентација, по завршувањето на играчката кариера се реши да заплива во тренерските води, а меѓу другото долго време работеше во Грција и тоа токму во Кожани, каде вчера нашиот јужен сосед извојува историска победа над Македонија. 

Поранешниот ракометар на Пелистер и Јафа Промет, вели дека проблемот во нашиот репрезентативен ракомет е далеку поголем од еден пораз од Грција и во иднина не смееме да си дозволиме ваков срам и тоа од репрезентација која во минатото токму од нас ја учеше ракометната игра. 

„Да бидам искрен – изненаден сум од победата на Грција, но се разбира и од пристапот на игра на нашите ракометари. Повеќето грчки ракометари ми се познати, некои од нив и сум ги тренирал и го знам нивниот квалитет и затоа мислев дека ќе запишеме лесна победа. Но, на терен се случи нешто спротивно. Ние како репрезентација која е редовна на сите големи собири, која знаела како да ги победи европските велесили, се доведовме во ситуација да бркаме резултат против една Грција, која никогаш немала амбиции да стане нешто повеќе од она што е сега во светскиот ракомет. Во минатото, токму од нас цела Грција учеше ракомет, многу наши тренери го пренесуваа своето знаење во грчките сали, а сега си дозволивме да ни одржат лекција како се „гине“ за репрезентативниот дрес. Проблемот е далеку поголем од еден пораз од Грција и тој што побрзо мора да се реши. Уште од историското петто место на Европско првенство во Србија се зборува дека дојде времето за подмладување на селекцијата. Но, ете минаа шест години и повторно се зборува за истата тема. Мислам дека оваа „шлаканица“ треба да ни биде поука како во иднина, и конечно да го направиме тој чекор, па по цена и да не учествуваме на некој планетарен или континентален собир. Не треба да мислиме само на овој јануари, туку и на наредниот и наредниот, само така Македонија ќе продолжи да биде ракометна сила која ќе биде почитувана од секој противник“, вели Јусуфовски. 

Нашите ракометари право на поправен испит ќе имаат на почетокот на март идната година, кога на гости го играме првиот од двата дуела со селекцијата на Исланд, која пак првите две кола ги мина како од шега, декласирајќи ги Турција и Грција.