Грчевски: Се надевам дека со добра ждрепка на ЕП можеме најмалку да ја поминеме групата

Женската репрезентација на Македонија немаше проблем против аутсајдерот Азербејџан и со убедливата победа од 22-37 на едно коло до крајот на квалификациите обезбеди пласман на следното Европско првенство. 

По средбата во Баку свое видување на победата и пласманот на континенталниот собир даде селекторот Кристијан Грчевски.

„Многу важна победа за нас, со неа заверивме пласман на Европското првенство. Отворивме добро, имавме мал пад, но го пребродивме, сепак бевме под притисок. Девојките одиграа како што треба, тоа што се договоривме го исполнија. Им честитам на ракометарките за играта и за борбеноста, сериозно го сфатија мечот против Азербејџан, иако како противник е послаб, сите знаеме што значи ако некого потцениш. Се потрудивме сите во составот да добијат минутажа, а истовремено да заштедиме сили за Литванија.

Иако оваа средба не е важна резултатски од аспект за пласман на Европското првенство, сепак би сакале да извојуваме победа на домашен терен, триумфално и во позитивна атмосфера да го затвориме овој циклус. Се надевам дека со добра ждрепка на Европското првенство можеме најмалку да ја поминеме групата, па потоа ќе размислуваме за понатаму“, рече селекторот.

Во последното коло Македонија ќе се сретне со Литванија, натпревар кој што се игра за три дена во Скопје.