• Иван Димовски
Ракометарките на Македонија ќе го имаат вториот натпревар на Европското првенство, во Дебрецен против селекцијата на Турција. Токму во овој дуел се гледа шансата за добар резултат во групата, откако на стартот нашите девојки загубија од фаворитот Шведска.
По тој натпревар и пред следниот предизвик, своите ставови ги сподели селекторот Кристијан Грчевски.
„Мислам дека можевме да одиграме подобро, но во исто време можеше да минеме и полошо со Шведска. Имавме добри моменти и верувам дека неискуството беше клучно. На позитивна страна, имавме добри моменти во дефанзива и офанзива, покажавме дека можеме да се носиме со големи ривали.
Дефинитивно ќе одиме на победа против Турција. Верувам дека имаме огромни шанси да излеземе позитивно од средбата. Сè ќе зависи од нас мора да веруваме дека како тим ќе успееме. Ако покажеме добар перформанс и борба, можеме да ги израдуваме фановите. Против Швеѓанките на крајот одигравме добро и релаксирано, а тоа а дава самодоверба за следниот предизвик. Мислам дека таа позитивна енергија ќе ја пренесеме во дуелот со Турција“, изјави Грчевски.
Натпреварот меѓу Македонија и Турција во „Фоникс Арената“ се игра в сабота во 20:30 часот.