Грчевски: Немам замерки за никого, игравме со ТОП-10 селекција во Европа

Ракометната репрезентација на Македонија одигра рамноправен меч со Полска, но не успеа да дојде до позитивен резултат (21-23) за да се пласира на Светското првенство (СП) кое ќе се игра оваа година заради поразот од четири гола во првиот меч во Кошалин.

Избраничките на Кристијан Грчевски одиграа еден меч во кој имавме голем проблем во креирањето на играта во нападот, а исто така се направија и голем број на технички грешки. Македонија имаше повеќе од 15 загубени топки, а со таква статистика не може да се победи подоброрангирана селекција како Полска со четири гола разлика, иако мечот беше егал и рамонправен.

„Многу пати сум кажал и пак ќе кажам, Битола има феноменална публика, тоа е секоја екипа што треба да го има. Секоја чест и за домаќините што не пречекаа. Околу мечот, можевме да победиме или да ремизираме, но резултатот е таков каков што е. Покажавме карактер и борбеност и се надевам дека ќе одиме на подобро. Немам за што да им замерам на девојките. Игравме со ТОП-10 репрезентација во Европа, но покажавме дека можеме да играме. И на Европското првенство имаме добри моменти, па се надевам дека ќе ја оствариме нашата цел, тоа е пласман на следното ЕП на кое сакаме да продолжиме со континуитетот“, изјави селекторот Грчевски.

Македонија заради овој бараж-пораз ќе остане без Светско првенство и по 18 години. Последен пат на светската сцена бевме во 2007 година.