Грбиќ и Рајчиќ: Дуелите со Македонија ќе ни користат многу пред СП

Репрезентацијата на Црна Гора утре ќе ѝ гостува на Македонија во рамките на ЕХФ Еврокупот. Пред натпреварот, Црногорките се фаворит, ама во Скопје пристигнаа со многу проблеми и отсустни ракометарки. Пред дуелот утре, својот став го кажа Итана Грбиќ која важи за една од носителките на играта. 

„Секогаш е посебна емоција и енергија кога настапуваме за репрезентацијата. Натпреварите против Македонија немаат резултатски значај, но ќе ни значат многу во вака ослабен, изменет и нов состав, да видиме колку можеме. Очекувајте борба, немаме што да загубиме. Ја слушаме селекторката Бојана Поповиќ и ќе видиме како ќе ни помогне. 

Искрено, немавме време да се подготвиме за Македонија, со оглед на тоа што ЕХФ неделите се среде сезона. Не треба да нè интересира каков е ривалот, односно во каков состав ќе играат. Треба да ги искористиме овие натпревари поради Светското првенство“, изјави Грбиќ. 

Покрај неа, своето мислење го изнесе и голманката на Црна Гора, Марина Рајчиќ. 

„Навистина е посебно да играме за репрезентацијата. Чест е да се биде тука со екипата. Конечно се собравме по Олимписките игри, почнуваме да градиме нови работи, а стартува и новиот олимписки циклус кој е пократок. Верувам дека направивме добра работа и има на што да се надеваме. Ни недостигаат многу играчи, се повреди Јауковиќ, а ја нема ниту Деспотовиќ што е голем минус. Не сме многу тука, па сакаме да извлечеме максимум“, смета Рајчиќ.

Црна Гора ќе ги искористи дуелите со Македонија со цел да се подготви подобро за Светското првенство на кое ќе игра во декември.