Граџан: Вистински потег беше мојот премин од Турција во Македонија

Само уште осум дена и македонскиот вицешампион Еурофарм Работник ќе ги започне подготовките за сезоната 2019/20. Еден од староседелците и ракометари со најдолг стаж е босанскиот интернационалец Елмир Граџан.

За босанските медиуми тој ја објасни врската со Македонија и клубот со кој ќе игра во Лигата на шампионите. 

„Преминот од Турција во Македонија за мене беше вистински потег. Презадоволен сум како се развива проектот Еурофарм Работник. Кратко време сум на одмор, а потоа стартуваме во нови работни победи. Ние сме млада екипа, претходно се познававме од репрезентативните настапи, а сега се споивме во една екипа, каде има ракометари од сите поранешни југословенски републики. 

Направивме голема работа. Полека ги симнавме Металург од тоа второ место, се пласиравме во СЕХА лигата, а го намачивме и Вардар во меѓусебните дуели. Како награда за нашата перфектна сезона стигна поканата за настап во Лигата на шампионите“, заврши Граџан.

Босанскиот кружен напаѓач подеднакво се развиваше со екипата и следната година со селекцијата на Босна и Херцеговина ќе настапи на Европското првенство во Австрија, Норвешка и Шведска. Момците на Билал Шуман се квалификуваа за еден голем собир по серијата на неуспеси во претходните неколку години.