Граџан: Нема да се предадеме без разлика на заостанувањето од Битола

Со Хендави на местото на Трајковски од пријавениот тим против Вардар 1961, Еурофарм Пелистер денес ќе отпатува за Магдебург, каде утревечер ќе го одигра веројатниот последниот дванаесетти натпревар сезонава во Европската лига.

Реваншот со Германците доаѓа во незгоден момент, но на тимот му е неопходна добра партија пои поразите минатата недела од Магдебург и Вардар 1961. Елмир Граџан најави дека пелистерци и покрај големата негатива, нема лесно да се предадат.

„Магдебург е екипа за која не треба да се трошат зборови. Покажаа дека се една многу квалитетна екипа. И ние сезонава покажавме дека можеме секому да парираме. На последните два натпревари малку паднавме, но верувам дека во Магдебург ќе го покажеме вистинското лице. Без разлика на заостанувањето од Битола, нема да се предадеме. Се подготвуваме и сигурно ќе бидеме незгоден противник за нив“, смета кружниот напаѓач.

Битолчани во Германија ќе бидат и натаму без повредените Кушан, Вегар и Стјепановиќ.