Градското дерби за Еурофарм Пелистер, одлуката за шампионот во последното коло

Ракометарите на Еурофарм Пелистер слават победа и во второто градско дерби во разигрувањето оваа сезона. Екипата на Жељко Бабиќ го надигра помладиот градски ривал, воден од Александар Јовиќ со 23-31 (10-14). Дуелот од 13. коло на плеј-офот донесе десетта победа по ред за Еурофарм Пелистер во разигрувањето и со ист број на бодови со Вардар 1961 влегува во последното коло.

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Еурофарм Пелистер: 

Дуелот започна израмнето и половина полувреме се играше без големи падови во играта на двата тима. Сепак, кон средината на првиот дел, Периќ и Радовиќ „нагазија“, одлично ги следеше и Танкоски и поискусниот тим се одлепи на 8-12. Трајковски на голот одбрани неколку топки, вклучувајќи и еден седмерец и на одмор се замина со 10-14 за екипата на Бабиќ.

Фаворитот подобро го отвори вториот дел, одбраната делуваше поцврсто, а со лесни голови на Костески, Маџовски и Кушан предноста порасна до +7 во 42. минута. Играта стана динамична, се правеа многу грешки, а следеа и серија на исклучувања. Сепак, второпласираниот тим на табелата не дозволи изненадување и лесно го приведе натпреварот кон крај за победа од 23-31.  

Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беа Периќ со единаесет и Радовиќ со пет гола, а во тимот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа младиот Мирчевски со шест и Павле Атанасијевиќ со четири погодоци. Во последното 14. коло, в среда попладне екипата на Бабиќ го пречекува Охрид, а помладиот битолски клуб гостува кај Бутел Скопје. 

Ракомет – Суперлига (плејоф) – 13. коло
Еурофарм Пелистер 2 – Еурофарм Пелистер 23-31 (10-14)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Судии: Методија и Михајло Илиевски 

Еурофарм Пелистер 2:
Ивановски, Бардакоски, Ј. Талевски, Петковски, Пав. Атанасијевиќ 4, В. Димитровски 1, Мирчевски 6, Митревски 2, Петровиќ 3, Андонов, И. Димитровски 1, С. Талевски 2, Стоилевски 1, Пет. Атанасијевиќ 2, Дрогришки 1, Блажевски
Седмерци: 5/2
Исклучувања: 14 минути

Еурофарм Пелистер:
Чаневски, Трајковски, Ојлески 2, Маркоски 1, Маџовски 2, Кукуловски, Кузманоски, Кушан 3, Радовиќ 5, Танкоски 3, Периќ 11, Костески 2, Кукоски, Петровски, Граџан 2, Ѓукиќ
Седмерци: 6/5
Исклучувања: 12 минути