Градскиот дуел нерамноправен, Еурофарм Пелистер слави осма победа по ред

Второто битолско дерби оваа сезона им припадна на ракометарите на Еурофарм Пелистер, кои полесно од предвиденото го совладаа Еурофарм Пелистер 2 со 38-20 (18-9) и ја запишаа осмата победа по ред во Суперлигата. Добра вест за Бабиќ е враќањето на Маџовски, кој заради потрес на мозокот не играше против Прилеп и Татабања.  

  • Комплетниот натпревар меѓу Еурофарм Пелистер 2 и Еурофарм Пелистер: 

Секељи одлично го отвори дуелот во кој и Бабиќ и Јовиќ започнаа со комбинирани состави. На одбраните на Унгарецот одговори младиот Јовановски и по почетните 2-2, Еурофарм Пелистер заигра подобра одбрана и со серија на Костески побегна на 4-8. Јовиќ брзо повика минута одмор да ја стабилизира екипата и да ја реорганизира одбраната. 

Велковски и Костески беа задржливи, а и Секељи правеше разлика на голот. На пет минути до одморот Бабиќ повика тајм-аут при +6 за вицешампионот. Еурофарм Пелистер, носен од Секељи, постигна уште три гола и на одмор замина со 9-18. 

Како што заврши првиот дел, така започна и вториот. Со серија 7-1 Еурофарм Пелистер дојде со највисоки +15 и уште во 38. минута Александар Јовиќ повика минута одмор. Со шаренолики состави и без одбрани се одиграа последните десетина минути и Еурофарм Пелистер запиша лесна победа од 20-38. 

Најефикасни кај Еурофарм Пелистер беше Костески со десет погодоци, додека во тимот на Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Ѓорговски со пет и Белистојановски и Павле Атанасијевиќ со по три гола. Во следното 13. коло Еурофарм Пелистер го пречекува Тиквеш, а Еурофарм Пелистер 2 гостува во Скопје кај Бутел. 

Ракомет – Суперлига (12. коло)
Еурофарм Пелистер 2 – Еурофарм Пелистер 20-38 (9-18)

Спортска сала „Боро Чурлевски“ - Битола
Судии: Рубен Седлоски и Горан Ангелески

Еурофарм Пелистер 2:
Трајкоски, Јовановски, Петковски, Буторац 2, Пав. Атанасијевиќ 3, Мирчевски, Димитриоски 2, И. Димитровски 1, Талевски 2, Стоилевски, Пет. Атанасијевиќ 2, Ѓорговски 5, Белистојановски 3, Блажевски, Арсеновски, Андонов
Седмерци: 3/2
Исклучувања: 6 минути

Еурофарм Пелистер:
Секељи, Кизиќ, Мараш, Ојлески 3, Маркоски, Маџовски 3, Кукуловски 1, Мандалиниќ 3, Танкоски 1, Периќ 2, Костески 10, Кукоски, Велковски 4, Граџан 4. Обрадовиќ 5, Табоада 2 
Седмерци: 1/0
Исклучувања: 8 минути