Гошевски: Можеме да се надигруваме со сите, се надевам на триумф со Јуниор КВ

Ракометарите на Голден Арт ги очекува дуел против Јуниор Кисела Вода, во рамките на шестото коло на Суперлигата на Македонија.

Во пресрет на дуелот, своите очекувања ги изнесе Дејан Гошевски. Десниот бек на Голден Арт е оптимист, смета дека доколку се испочитуваат тактичките определби на тренерот Никола Матлиевски, неговиот тим ќе дојде до бодовите.

„В недела ни следува натпревар против незгоден противник, кој според составот на играчи е спој на младост и искуство и кој на претходните натпревари покажа дека поседува квалитет да се надмудрува со секој тим во Суперлигата. Атмосферата во тимот после победата од исклучително значење во Радовиш, е на многу високо ниво, што овозможува квалитетно да се подготвиме за натпреварот кој ни претстои со тимот Јуниор Кисела Вода. Доколку спроведеме тоа што се договараме и го тренираме на последните тренинзи, оптимист сум дека ќе излеземе како победник на дуелот во недела“, смета Гошевски.

Дуелот кој ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“ меѓу Голден Арт и градскиот ривал Јуниор Кисела Вода е закажан за в недела од 16:30 часот.