Гордо: Вардар против нас го одигра најдобриот меч оваа сезона...

Мешков Брест не ја отвори Лигата на шампионите според планот и има два порази на две средби, податок кој не го радува тренерот Даниел Гордо. По мечот во Скопје и поразот од Вардар (35-27), предводникот на белорускиот шампион истакна дека грешките кои ги направил неговиот тим пресудиле.

„Најпрво, би сакал да му честитам на Вардар, затоа што тие одиграа одличен натпревар. Можеби најдобриот меч оваа сезона, затоа што ние ги гледавме сите нивни дуели. Противникот имаше добар ден, играа во одлична атмосфера и ова е навистина добар резултат за Вардар. Ние почнавме лошо, немавме добро чувство во одбраната. Во нападот противникот даваше лесни голови. Во вториот дел пробавме да се вратиме, имавме шанса да бидеме компетитивни, но лесните грешки ни ја одземаа шансата. Зад нас се три тешки меча во последните седум дена, а за вакви дуели треба енергија. Наше е да се поправиме и да се обидеме да се вратиме во Лигата на шампионите“, изјави Гордо.

На средбата со новинарите говореше и Владимир Врањеш, кој е еден од носителите на одбраната во тимот, но денес немаше свој ден.

„Честитки до Вардар. Ова беше заслужена победа за нив. Во првиот дел ривалот беше подобар, но во вториот дел откако ја сменивме одбраната на 5-1 се вративме во мечот. Но, неколкуте нови грешки не пресекоа во налетот. Му посакувам среќа на Вардар во Лигата на шампионите“, изјави Врањеш.

Белорускиот тим во следната рунда го чека нова тешка задача, затоа што на домашен терен ќе се соочи со одличниот ПИК Сегед.