Гонзало: Со Борко на голот, на сите ривали против Македонија ќе им беше потешко!

Gol.mk на светско првенство во ракомет

По победата над Ангола, шпанската ракометна репрезентација и математички го обезбеди осминафиналето, а со тоа и грижите се помали во завршните две кола. Во разговорот со голманот на „црвената фурија“ Гонзало дознавме дека кај Шпанците има изненадување што Борко Ристовски не е меѓу стативите.  

„На првите два натпревари македонските голмани беа одлични, но генерално сум изненаден што не е Борко во тимот, дефинитивно со него меѓу стативите на сите ривали ќе им беше потешко“, смета голманот на Барса.

Подоцна Гонзало се осврна на мечот со Македонија в среда и карактеристиките на нашите ракометари.

„Мислам дека играта седум на шест е новината која ја краси македонската репрезентација на ова првенство. Ризично е да се игра така, но мислам дека со човек повеќе во поле на одбраните не им е лесно да бранат. Секако дека Кире Лазаров и неговите голови се најголема опасност по нас. Денес скоро и да не играше Миркуловски, а без него сте поинаква репрезентација. Мислам дека Македонија со првите две победи заврши голема работа, а ние сега дури ги имаме најтешките мечеви во групата“, смета Гонзало.

Македонија никогаш во официјален натпревар не ја победила Шпанија и никогаш не одиграла нерешен резултат.