Гонзалез: Горд сум на моите ракометари за сè остварено до овој момент

Вардар со победа во последното коло од Б групата во Лигата на шампионите над Кристијанштад го потврди првото место и директниот пласман во четвртфиналето. Стратегот на „црвено-црните“, Раул Гонзалез по мечот изрази големо задоволство за досегашниот тек од сезоната:

„Честитки за противникот кој игра многу добар ракомет. Ние знаевме дека ќе имаме доста проблеми против нив, бидејќи видовте и самите во последните натпревари како играа. Што се однесува до мечот, ние добро отворивме, игравме добро во одбраната и постојано имавме 3-4 гола разлика. На полувреме потенцирав дека не треба да се опуштиме, а и видовте зошто, имавме проблеми во одбраната поради нивната брза игра, но на крај сепак победивме. Јас сум задоволен што завршивме први, сега треба да одмориме и добро да се спремиме за следниот предизвик. Сакам да кажам дека сум горд на моите ракометари за сè она што го направивме од почетокот на сезоната, па до овој момент. Што се однесува до противникот во четвртфиналето, не би сакал да кажам кој тим го посакувам, кој и да е за нас е исто“.

Како што кажа тренерот Гонзалез, сега на Вардар му останува слободен период пред четвртфиналето, во кој ќе треба добро да се одморат, но и да се подготват за предизвикот што следи во четвртфиналето.