• Мартин Танасковски
Машкиот ракометен првак Вардар е веќе сигурен четвртфиналист во Лигата на шампионите, но пред крајот на групната фаза има уште еден натпревар против Кристијанштад. Стратегот Раул Гонзалез вели дека вардарци нема да имаат притисок во оваа средба, но потенцира дека се чувствува обврска да се победи, по киксот во претходното коло против Мешков Брест.
„Најпрво, би сакал да им честитам на играчите за четвртфиналето. Што се однесува до натпреварот, немаме притисок, сакаме да уживаме, но и покрај тоа чувствуваме обврска да победиме. Кристијанштад е добра екипа, како и за нас, и за нив е важен овој натпревар. Мора да бидеме на ниво во одбраната, нивното главно оружје е контрата. Ќе го дадеме најдоброто од себе, затоа што ние сме прво место, мора да го покажеме тоа. Мора да се фокусираме на победата, затоа што сакаме да завршиме славенички дома. Кога играме тука, одиме на победа против сите, не само против Кристијанштад. Сите не гледаат, мора да се покажеме во добро светло“, изјави Гонзалез.
Македонскиот првак натпреварот против Кристијанштад го игра в недела, од 17.30 часот. Швеѓаните посакуваат победа во Скопје, затоа што со евентуален триумф ќе одат во нокаут-фазата на Лигата на шампионите.Доколку Вардар победи, осминафиналист ќе биде Загреб.