• Мартин Танасковски

Екипата на Струга е уште еден патник во следната фаза од Купот на Македонија, затоа што во тесен натпревар славеше над Младост Богданци со резултат 21-20 (11-11).
Дуелот беше израмнет и имаше резултатска бркотница, која на крајот беше среќна за стружани. Јунак на натпреварот е голманот Огњен Остиќ, кој го фати последниот напад на тимот од Богданци за реми и така ја остави Струга „жива“ во Купот.
Најдобар стрелец кај Струга беше Александар Стојков со шест гола, исто толку постигна и Ненад Костоски, додека кај Младост, Ѓорѓе Ѓуриќ погоди вкупно пет пати.
Претходно, во следната фаза од Купот место обезбедија и ГРК Тиквеш, Партизан Гевгелија, Бутел Скопје, Аеродром, Еурофарм Пелистер 2, ГРК Охрид, МРК Куманово, Радовиш и Мулти Есенс.