• Мартин Танасковски

Екипата на Нексе пропушти ракометна сензација во Европа. Хрватскиот тим одигра одличен меч во Германија, се врати од бездната и загуби само со три гола разлика против Кил (30-27), резултат кој заради првиот меч во Хрватска во кој Нексе славеше со три гола, донесе седмерци во кои се истакнаа голманите на „зебрите“.
Бундеслигашот имаше предност од шест гола, но екипата на Нексе не се предаде. Во одличен финиш хрватскиот тим дојде до негатива од три гола, а во последниот напад се одбрани и откако регуларниот дел заврши 30-27, следеа седмерци. Во шутевите од седум метри, класата ја покажаа Андреас Волф и Перез Де Варгас, кои фатија два седмерци.
Ерик Јохансон имаше одличен меч за Кил со десет гола, пред Верон Начиновиќ со седум реализации, додека кај Нексе, Тин Лучин даде осум, а Ибрахим Хасељиќ постигна четири гола.
Екипата на Порто на домашен терен славеше над Мелсунген (23-19), направи голем подвиг со резултатот, ама беше за еден гол пократка во битката за место на завршниот турнир затоа што првиот меч заврши со резултат 28-23 за бундеслигашот. Силва и Мартинез имаа по четири гола за Порто, а кај Мелсунген, Флориан Дорстен погоди седум пати.
Претходно, место на завршницата во Европската лига на ЕХФ обезбеди и Флензбург преку Хановер.





