Голманите и одбраната пак под ниво, Киелце со нова лекција за Вардар

Киелце и Вардар ја одиграа втората пресметка во Лигата на шампионите во седум дена и истата заврши со нова победа на полскиот првак (36-29), овој пат на домашен терен.

Македонскиот и европски првак беше инфериорен на теренот и беше надигран. Одбраната не функционираше на овој дуел, исто беше и со голманите, а на спротивната страна ситуацијата беше поинаква дури и без Карачиќ и Гудјонсон, затоа што Киелце имаше пеколен напад и расположен голман во името на Корнецки кој уште во првиот дел го откажа тимот на Алушовски. За Вардар ова беше трет пораз во групната фаза и борбата за нокаут-рунда продолжува и понатаму. 

Вардар тргна одлично во натпреварот во Киелце и поради разноврсната игра во нападот и пет различни стрелци имаше предност. Избраниците на Стевче Алушевски водеа со 2-5, но тоа беше се што успеаја да направат на мечот. Полскиот првак ги искористи сите технички грешки на македонскиот тим, се врати и изедначи на 5-5, потоа беше и 10-10, а потоа почна доминацијата.

Голманот Корнецки блескаше меѓу стативите, содбра седум одбрани, наспроти една на Ристовски, а во нападот Морито беше вистински убиец. Полскиот репрезентативец врза три гола, донесе 14-10 за својот тим и таа позитива се одржуваше константно.

Вардар беше четири и пол минути без постигнат гол, а серијата ја прекина Дибиров, за 15-11. Пред финишот на првиот дел беше 16-12, па Киелце одговори со два нови гола во серија, за 18-12 на паузата. Во вториот дел Вардар константно бркаше, во еден момент дојде на четири гола негатива (24-20), ама Душебаев имаше адути во ракавот, па пак ја врати високата предност.

Голманите на Вардар едноставно беа катастрофални на оваа средба. Во вториот дел немаа ниедна одбрана се до 55 минута, па тоа придонесе за високиот пораз. На десет минути пред финишот, Киелце имаше 31-23, па веќе беше јасно кој ќе слави. Во финишот Душебаев им даде шанса и на резервистите, ама ситуацијата не се промени.

Најдобри кај стрелците беа Душебаев и Морито со по седум гола, а Турна запиша пет. Кај голманите, Корнецски собра 12 одбрани. Кај Вардар, Дибиров беше најефикасен со седум гола, Јотиќ даде шест, а голманите заедно собраа пет одбрани - четири на Кантегрел и една на Ристовски.

Следен дуел за Вардар во Лигата на шампионите повторно ќе биде гостински. Македонскиот тим гостува кај Порто на стартот на месец декември, а потоа, ќе му биде домаќин на ПСЖ.