Големото засилување за Раул и Партизан два месеци во „аут“

Ракометарот на Партизан и српски репрезентативец, Милош Кос, ќе биде надвор од терените на почетокот од новата сезона поради повреда на десната рака.

Новиот играч на црно-белите заработил скршеница на третата метакарпална коска, по што му претстои пауза од околу шест до осум недели.

Кос летово пристигна во редовите на Партизан како големо засилување, но повредата ќе го спречи да му помогне на тимот во првите официјални натпревари.

Избраниците на тренерот Раул Гонзалес првиот дел од подготовките го одработија во Белград. Кон крајот на август „црно-белите“ ги очекуваат првите дуели во регионалната лига, а потоа и настапот во борбата за трофејот во Суперкупот.

Сезоната во Лигата на шампионите Партизан ќе ја започне на 9 или 10 септември, кога во Белград ќе го пречека Фуксе Берлин. Сепак, за тој натпревар тимот најверојатно ќе биде без еден од новите лидери во составот.