• Редакција Gol.mk
Македонскиот шампион ЖРК Ѓорче Петров го официјализираше првото големо засилување за сезоната 2024/25. Талентираниот лев бек Јана Калајџиевска пристигнува од тимот на ЖРК Металург и со ЖРК Ѓорче ќе игра на меѓународна сцена.
23-годишната Калајџиевска потекнува од Стружанка, по што потоа долг период настапуваше за тимот на ЖРК Металург. Таа само ја продолжува семејната традиција, бидејќи е ќерка на поранешниот репрезентативец во младинските категории и член на Струга и Пелистер, Ристе Калајџиевски. Минатата сезона Јана беше меѓу најдобрите во лигата и со својот квалитет се наметнува и за главна улога во националниот тим.
Од ланскиот ростер на ЖРК Ѓорче Петров си замина само бекот Ангела Јанкуловска, која потпиша со Славија Прага од Чешка.
ЖРК Ѓорче Петров ќе се соочи со шведскиот тим Хорс во второто квалификациско коло на Европската лига. Доколку го победи, во третата рунда, ќе игра против францускиот Париз.