• Горан Упале
Средниот бек на Вардар 1961, Јака Малус, доби уште едно големо признание за одличните настапи во минатата сезона, откако се најде во идеалниот тим на сезоната во ЕХФ Европската лига, во изборот на администраторите на официјалниот профил на натпреварувањето.
Словенечкиот репрезентативец беше избран за најдобар среден бек, откако беше еден од лидерите на „црвено-црните“ во текот на целата европска кампања. Малус ја диктираше играта на Вардар, беше меѓу најдобрите стрелци и асистенти на тимот и одигра клучна улога во пласманот меѓу најдобрите осум во Европската лига.
Покрај Малус, во идеалниот состав се најдоа: Голман: Небојша Симиќ (Мелсунген), лево крило Емил Јакобсен (Фленсбург), лев бек: Тин Лучин (Нексе), кружен напаѓач Јоханес Гола (Фленсбург), десен бек: Валентин Порте (Монпелје), десно крило Бенце Имре (Кил), најдобар дефанзивец Адријан Шипош (Мелсунген).
Малус се очекува да биде еден од лидерите на Вардар и во новата сезона во која најтрофејниот македонски тим се враќа во Лигата на шампионите.




