Големиот талент кој тргна од Македонија, останува на Балканот

Еден од најталентираните ракометни плејмејкери на Балканот, Стефан Додиќ, ќе ги брани боите на Војводина уште најмалку две сезони. И покрај бројните понуди од странство, младиот српски репрезентативец одлучи да остане и да продолжи таму каде што застана – во одлична форма и со лидерска улога.

Минатата сезона, Додиќ одигра неколку блескави натпревари и беше клучен играч во освојувањето на Купот на Србија. Иако долго се бореше со серија повреди, трансферот во Нови Сад се покажа како вистински потег за ракометарот од Врање.

Таму успеа да се опорави, да го врати својот ритам и повторно да игра на ниво кое го красеше во времето кога го носеше епитетот – најдобар млад играч на Европа.

Стефан Додиќ на само 13 години се пресели во Металург од Скопје, каде брзо се афирмираше како врвен потенцијал. Потоа следеа трансфери во ГРК Охрид, Вардар 1961, Загреб и Цеље, додека беше под договор со полски Киелце.