Голем удар по суперлигашките амбиции: Струга падна во Ресен

Ракометарите на Струга изненадувачки се поразени од Преспа со 21-20, во дерби дуелот од 20. коло во Првата лига и сега ќе имаат големи проблеми за да стигнат до второто место кое води до бараж, ако се знае дека првото веќе е резервирано за Бутел Скопје.

Во првиот дел избраниците на Наум Танески диктираа темпо во првиот дел, имаа предност и од четири голови, 6-10, но финишот на полувремето домашните преку Камчев и Даскаловски намалија на 8-10 и на пауза се замина со тој резултат.

Преспа не се откажа и кога Струга на двапати поведуваше во вториот дел со +3, 9-12, а потоа и 13-16. Во тие моменти повторно бекот Даскаловски погодуваше во серија и домашните израмнија на 16-16 и се мораше одново.

Во последната минута се влезе со 20-19, пред Кузманоски да израмни на 20-20 и да донесе драма во финишот. Сепак за бодовите да останат во Ресен се погрижи Наумовски со голот  од пенал за 21-20 и ја запечати победата.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Даскаловски со шест и Наумовски со пет голови, додека кај гостите се истакна Јанкуловски со шест погодоци

Резултати

Прва Лига - 20. коло:

Преспа - Струга 21-20
Тиквеш - Металург Јуниор 18-33
Куманово - Текстилец 19-28
Младост - Спартак 32-20
Партизан - Вардар Неготино 32-33
Рудар - Риниа 40-30
Делчево - Бутел 23-36.