Голем потег на челниците на Пролет, договорот на починатиот Јовиќ целосно ќе биде исплатен

Смртта на Александар Јовиќ ја шокира македонската ракометна јавност. На 51-годишна возраст почина познатиот македонски стратег кој го предводеше тимот на скопски Пролет. 

Клубот беше приморан да назначи негова замена, па го одбра Никола Матлиевски кој и во минатото го водеше Пролет. Сепак, челниците на Пролет направија голем и убав гест. Имено, договорот на Јовиќ кој важи до крајот на сезоната ќе биде целосно исплатен на неговото семејство.

„Тагата од прераната смрт на нашиот Александар Јовиќ уште е огромна и останува непребол за сите членови во нашиот клуб. Затоа, како управа донесовме одлука договорот на Јовиќ што го имаше со Тинекс Пролет, да биде исплатен до крајот на оваа натпреварувачка сезона на неговото најблиско семејство“, соопшти Пролет.

Александар Јовиќ во тренерската кариера самостојо ги водеше Металург 2, Еурофарм Пелистер и Пролет, а своевремено беше асистент на Лино Червар во Металург. 

Како играч Јовиќ настапуваше за Металург, Вардар, Пелистер, Преспа, Борец, Болоња, Сплит, Апатин и Слобода Тузла.