Голем пех за Веспрем: Тонесен ја повреди Ахиловата тетива во Скопје, сезоната за него заврши

Екипата на Веспрем запиша нова голема победа над Вардар оваа сезона, откако синоќа во рамки од 10. коло на Лигата на шампионите среде Скопје го совлада европскиот шампион со 29-38.

Унгарскиот гигант одигра фантастичен натпревар во „Јане Сандански“, но остана без својата прва опција на десната бековска позиција Кент Робин Тонесен. Искусниот норвешки репрезентативец при еден дуел со одбраната на Вардар се пожали на болки на стапалото и предвреме го заврши натпреварот.

Дека повредата на Тонесен е сериозна потврдија денешните детални прегледи, кои покажаа дека настрадала Ахиловата тетива. 

Тоа значи дека Норвежанецот ќе мора веднаш да замине на операција, а не само што нема да настапи на претстојното Европско првенство, туку за него сезоната е завршена.