• Иван Димовски
Ракометарите на Голден Арт запишаа многу важна победа во групата Б од Суперлигата, славејќи против Прилеп со 28-18 (12-10) во натпреварот од 13. коло. Овој триумф може да биде круцијален, бидејќи со него скопскиот тим му се приближи на Пролет во трката за четвртото место во плеј-офот.
- Комплетниот натпревар меѓу Голден Арт и Прилеп:
Средбата во малата сала во СЦ „Јане Сандански“ тргна израмнето. Иако Голден Арт диктираше темпо и поведе со 6-3, сепак прилепчани не се откажаа и успеаја да израмнат (7-7). Во следниот период гостинот влезе во мала криза, а тоа скопјани го искористија и на паузата меѓу двете полувремиња заминаа со водство од 12-10.
Во продолжението од натпреварот Прилеп парираше само на стартот. Бргу Голден Арт успеа да наметне свое темпо, почна да гради предност и да се одлепува. Највисокото водство достигна и двоцифрени десет погодоци, за на крајот домаќинот и убедливо да победи. Со по пет реализации најефикасени играчи на средбата беа Давид Даев и Владан Кастратовиќ.
По ова коло Голден Арт му врши притисок на Пролет кој загуби на гости кај Еурофарм Пелистер, па на првенствената табела му пријде на само два бода помалку.