Голден Арт со убедлива победа кај Астраион одржа чекор во Првата лига

Ракометарите на Голден Арт запишаа нова победа во Првата лига на Македонија, откако на гостински терен во салата „Парк“ во Струмица славеа над Астраион со 18-36. 

Скопската екипа одржа чекор со Алкалоид, со што продолжи грчевитата битка за бодови и врвот во лигата меѓу двата главни конкуренти за трофејот. На гостинскиот дуел во Струмица, Голден Арт лесно прокнижи бодови, пред сè поради кадровските проблеми на ривалот. Уште од стартот гостите наметнаа темпо и го прегазија Астраион со убедлива победа. 

Најкорисниот играч на дуелот сепак доаѓа од редовите на домаќинот, бидејќи Иванче Ончев даде девет гола. Кај Голден Арт, со осум погодоци се истакна Симон Гучески, по шест дадоа Стојаноски и Стаменковиќ, додека пет пати само во првиот дел погоди Даев. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Астраион и Голден Арт: 

Работнички стигна до ново прволигашко славје, во малата сала во склоп на СЦ „Јане Сандански“ над РК Шампион (25-20). По изедначениот старт и тесната игра во првиот дел, домашните ракометари се одлепија и направија исчекор до триумфот во продолжението. Со шест погодоци најефикасен беше Мајстороски од Шампион, додека кај Работнички пет даде Анѓелковски.