Голден Арт претстави уште две засилувања за пролетниот дел во Првата лига

Ракометниот клуб Голден Арт ги стартуваше подготовките за новата сезона во Првата ракометна лига на Македонија, а на првиот собир присуствуваа уште две нови имиња. По искусниот Зоран Стојановски, редовите на ланскиот суперлигаш ги засилија уште младите Христијан Милошевски и Кристијан Стојаноски. 

22-годишниот Милошевски игра на позицијата лев бек, потекнува од школата на Вардар, а во својата кариера ги бранел боите на  Работнички, Бутел и Прилеп.

„Моја чест и задоволство е да го носам дресот на тим кој е подготвен да вложува во македонскиот ракомет. Се надевам дека ќе допринесам до успесите на клубот, и заедно ќе стигнеме до елитната Супер лига, но исто така се надевам и дека самиот ќе се стекнам со многу искуство и знаење. Сакам да изразам и голема благодарност на клубот за понудата и приликата која што ми ја даде“, рече Милошевски при потпишувањето на договорот.

18-годишниот кружен напаѓач Стојаноски во Голден Арт доаѓа од редовите на Македонија Ѓорче Петров, каде што настапуваше во последните две сезони.

„Голема благодарност до амбициозниот тим на Голден Арт за дадената шанса. Овој тим  има одлични услови за тренинг што е најбитно за добра подготвеност. Ќе работам  максимално и се надевам со мојот ангажман, професионално ќе одговорам на поставените задачи. Ќе се потрудам безрезервно да го дадам своето целосно знаење за екипата да дојде до нашата заедничка цел“, истакна младиот Стојаноски.

Двата нови играчи го започнаа тренажниот процес со тимот, кој интензивно се подготвува за вториот дел од натпреварувачката сезона.