• Горан Упале
Екипата на Пролет ги продолжува своите настапи во ракометниот Куп на Македонија, откако во вечерашната градска пресметка со Голден Арт извојува тешка победа од 26-25 (12-15).
Пролет, откако зимава остана без тројцата најдобри ракометари (Џонов замина во Алкалоид, а Јагуриновски и Аларов во Вардар), не само што мака мачи во плеј-офот, туку вечерва беше во сериозни проблеми против екипа од плеј-аутот. Сепак, во финишот успеа да ја подобри својата игра и на крај да слави минимална победа од еден гол разлика.
- Комплетниот натпревар меѓу Пролет и Голден Арт:
Голден Арт ефикасно го отворија натпреварот во „Македонско Сонце“ и за краток период се одлепи на три гола позитива (1-4). Но, следуваше пад во играта на гостите и Пролет со пет гола во низа поведе со 6-4. Но, момците на Лембанов одново влегоа во кризен период и дозволија Голден Арт изненадувачки на полувреме да замине со предност од 12-15. Сепак, во вториот дел „зелените“ се консолидираа и со значително подобра и поефикасна игра во финишот го скршија отпорот на противникот и извојуваа победа од 26-25.
Најдобар поединец во домашниот состав беше Томислав Димковски со шест погодоци, еден помалку запиша Андоновски, а Додевски застана на четири гола. За Голден Арт по пет гола постигнаа Миланов, Милошески и Гошевски.
Во битката за „фајнал-фор“, Пролет ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Радовиш и Еурофарм Пелистер 2, кој е закажан за в сабота од 13:00 часот.