Голден Арт КЛ7 имаше сили само за едно полувреме, нови рутински бодови за Охрид

Екипата на Охрид ја оправда улогата на фаворит и по одлично второ полувреме славеше над новајлијата Голден Арт КЛ7 со 27-24, во претпоследниот денешен натпревар од седмото коло на ракометната Суперлига на Македонија.

  • Комплетниот натпревар меѓу Охрид и КЛ7:

Стартот на првиот дел донесе израмнет ракомет, младите момци на Андон Бошковски имаа одговор за секој напад на домаќините, но кон средината на првиот дел „гладијаторите“ влегоа во ритам и на погонот на Манасков и Блажески се првпат се одлепија резултатски и поведоа со пет гола разлика (15-14). Сепак, новајлијата во Суперлигата со фантастичен финиш реализира четири гола во низа и на полувреме замина со минимална негатива од само еден гол (15-14).

И во воведниот дел од вторите 30 минути, гостите од Скопје играа рамо до рамо со големиот фаворит, кој ја чуваше резултатската неизвесност. Ако охриѓани ги имаа Манасков и Блажевски кои продолжија да ја тресат мрежата на гостите, на спротивната страна одлични беа Буторац и Темелкоски, па Охрид никако не можеше резултатски да се одлепи (19-18). 

Но, следуваше нов мал пад во играта на Голден Арт КЛ7, а искусен тим како Охрид знаеше да го казни тоа и со серија од 3-0, за првпат во вториот дел посериозно се одлепи од противникот (22-18). Лошата серија на гостите го натера Бошковски да повика минута одмор и да ги советува своите млади момци. Но, не помогна ниту тоа, затоа што Охрид искусно го чуваше водството и на крај заслужено победи со 27-24.

Манасков со седум и Блажески со шест погодоци беа најпрецизни во редовите на домашната екипа, додека кај гостите четири постигна Симоноски.