Гогов: Ова беше големо искуство, Нексе е зрела екипа и заслужено победи

Вардар, кој ја навикна македонската јавност на успеси, денес со тим полн од младинци убедливо загуби во Хрватска од Нексе Нашице. Сепак, скоро никој не ги критикува младите момци на Стојан Петрушевски, бидејќи ова за нив беше големо искуство и шанса за докажување на големата сцена. 

„Честитки за ракометарите на Нексе за победата. Дадовме сè од себе на теренот и се обидовме за извлечеме максимум. Сепак, на крајот решаваше искуството кое е на страната на Нексе Нашице.

Просечната возраст на денешниот тим е околу 19-20 години така што ова беше меч за големо искуство. Играме заедно во Суперлигата, но за овој тим во ваков состав ова е прв натпревар на меѓународна сцена“, изјави младиот голман, Васил Гогов.

Вардар директно се квалификува во четвртфиналето и го очекува поуспешниот од дуелот Нексе Нашице - Еурофарм Работник во двомеч кој ќе одлучи кој ќе игра на завршниот турнир на почетокот од април.