„Гладијаторите“ пружија силен отпор, шампионот слави во драмата во Охрид!

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го преживеаја гостувањето кај Охрид и славеа со 25-27 (13-16), во рамките на 18. коло во Суперлигата. Натпреварот во салата „Билјанини извори“ понуди огромна борба, а пелистерци во драматична завршница извојуваа голема победа. 

Избраниците на Стевче Алушовски го почнаа натпреварот добро, пред се заради неефикасноста на гостите од Битола. Се играше егал се до 4-4, а потоа Еурофарм Пелистер врза три гола во низа, Кузмановски почна да погодува, па се замина на 4-7. Домашните оттогаш бркаа резултат, а иако во финишот на првото полувреме дојдоа на еден гол негатива (13-14), не можеа да направат нешто повеќе.

Митревски и Ивиќ си ја завршија задачата во првиот дел, наспроти голманот Чаневски кој верувале или не забележа една одбрана и тоа пред крајот на првите 30 минути. На пауза, резултатот гласеше 13-16 за пелистерци.

На стартот на вториот дел тимот на Раул Алонсо не си дозволи да ги повтори грешките од претходно. Цело време ја држеше високата позитива, а Охрид беше безопасен дека може да се врати како пред паузата. Во еден момент, Еурофарм Пелистер имаше и највисоки плус четири (15-19). На 15 минути пред крајот беше три гола разлика (17-20), Стевче Алушовски се обиде да ги разбуди своите ракометари и да ги мотивира со тајм-аут, а тоа вроди со плод бидејќи со добра серија стигнаа до „минус еден“ (20-21). Во клучни моменти кога се кршеше резултатот Домен Тајник реализира двапати и го одржа тимот од Битола во предност. 

Хрватот Јукиќ реализира два пенали во низа и го одржуваше Охрид во живот, а пелистерци беа со човек помалку. На истекот на 57. минута во круцијален напад реализира Хосни за 25-27. Добија охриѓани пенал, ама овојпат Ивиќ го скроти ударот на Јукиќ и го реши мечот. 

Најефикасен играч на натпреварот беше Осама Хосни со седум реализации, додека шест имаше Теимураз Орјоникидѕе. Меѓу голманите, Никола Митревски фати шест удари, а Филип Ивиќ одбрани три пенали кај пелистерци. Во таборот на Охрид со пет интервенции заврши Градимир Чаневски, а еден одбранет седмерец имаше Даниел Ѓорѓески.