„Гладијаторите“ не издржаа докрај, Еурофарм Пелистер со победа се враќа од Охрид

Ракометарите на Еурофарм Пелистер запишаа нова победа во плеј-офот на Суперлигата, откако како гости со сигурни 20-24 (9-11) беа поуспешни од денес квалитетниот и мотивиран Охрид. Со оваа победа битолскиот суперлигаш одново се врати на негатива од три бода во однос на шампионот Вардар, кој првиот дел од разигрувањето го заврши со максимални седум победи од исто толку натпревари. 

  • Комплетниот натпревар меѓу Охрид и Еурофарм Пелистер:

Дуелот во Охрид започна со борбена и не така ефикасна игра, двете екипи играа цврсто во одбраната, но правеа многу грешки во нападот, па затоа по првите дванаесет минути на семафорот стоеше 5-5. Потоа следуваше мини-серија на домаќините и прво водство од два гола разлика, по што Бабиќ мораше да реагира и да ги советува своите ракометари. 

Тајм-аутот позитивно делуваше на пелистерци, кои со два гола во низа израмнија на 7-7, а потоа со голот на Велковски по подолго време го презедоа водството. Охрид веднаш возврати преку Андоновски, но битолчани до крајот на првиот дел одиграа квалитетно и на одмор заминаа со позитива од два гола (9-11).

Неизвесно и израмнето беше и на стартот од вториот дел. Бабиќ со честите ротации како да сакаше да го пронајде идеалниот тим на паркетот, но „гладијаторите“ беа мотивирани и константни и го следеа чекорот на фаворитот. Сепак, кон 50. минута гардот на домаќините конечно беше пробиен и Еурофарм Пелистер со головите на Мандалиниќ и Костески за првпат се искачи на четири гола, позитива која ја сочува да крај и заслужено извојува победа од 20-24.

Најдобар поединец во редовите на Еурофарм Пелистер беше организаторот на играта Јосип Периќ со шест гола, два помалку запиша Кушан, а три реализира Мараш. Кај Охрид, Тот броеше до шест, додека Манасков реализира петпати.