• Горан Упале

Ракометарите на Охрид ги очекува исклучително тежок старт на новата сезона. Освојувачот на ЕХФ Купот во само четири дена ќе одигра два натпревари од големо значење, и тоа против најголемите македонски ривали.
Првиот предизвик е Суперкупот на Македонија против Вардар 1961, кој ќе се одигра на втори септември во Гевгелија. Само четири дена подоцна, на шести септември, Охрид ќе ја започне сезоната во Суперлигата со домашен натпревар против Еурофарм Пелистер во „Билјанини извори“.
Така, охриѓани веднаш на стартот ќе имаат можност да ги одмерат силите со двата најтрофејни македонски клубови. Особено мотивирачки ќе биде фактот што тимот по историскиот успех и освојувањето на ЕХФ Купот ќе има шанса уште на стартот да освои нов трофеј.
Инаку, Охрид имаше трофејно лето, затоа што со двете победи над Вардар ги освои турнирите во Струга и „Крсте Андоноски“.


