Ѓукиќ: Помалку ќе „болеше“ ако загубевме пет-шест разлика...

Дарко Ѓукиќ како и на речиси сите останати натпревари беше еден од најдобрите играчи на Охрид на завршниот турнир во Купот на Македонија. Со по пет гола против Вардар во финалето и Еурофарм Пелистер во полуфиналето Ѓукиќ пак беше еден од најважните во тимот. 

„Мислам дека цела наша екипа даде максимум и треба да бидеме горди на тоа. Вардар е една екипа која е правена за Лигата на шампионите. Оваа сезона играме многу квалитетно, малку ни недостигаше денес за да го освоиме трофејот и затоа сега ми е жал. Подобро ќе се чувствував ако загубевме пет-шест разлика, ама тоа е животот, одиме понатаму. Честитки на Вардар за Купот, заслужија и да ја освојат двојната круна. Ние продолжуваме понатаму и треба да видиме до каде можеме да стигнеме во Европа, секако дека нашата цел е финале и се надевам ќе го исполниме тоа“, изјави Ѓукиќ.

Вардарци го освоија осумнаесеттиот трофеј во Купот, а Охрид беше дебитант во едно финале.