Ѓукиќ: Да го одбраниме домашниот терен и да освоиме два бода против Алкалоид

По само три дена од дербито во „Јане Сандански“ и поразот од Вардар, екипата на Алкалоид е пред уште еден голем тест во домашната Суперлига. Втората фаза од шампионатот тимот од Автокоманда го започнува со тешко гостување кај директниот конкурент за највисок пласман – Охрид.

Еден од новајлиите покрај езерото, Дарко Ѓукиќ, вели дека максимално треба да се влезе во овој натпревар и посакува да се одбрани домашниот терен и да се освојат двата бода. 

„Алкалоид е тежок противник, еден од тимовите кои ќе се борат за титулата оваа година. Максимално треба да влеземе во натпреварот и се надеваме на два бода. Сакаме да го одбраниме нашиот домашен терен, како и до сега оваа сезона“, изјави Ѓукиќ.

Натпреварот Охрид – Алкалоид се игра в среда, во салата „Билјанини Извори“. По првиот дел од сезоната, Алкалоид е на третата позиција на табелата со 18 бода, еден повеќе од Охрид кој е четврти.