Ѓорѓиевска: Ако одиграме како во вториот дел во Скопје, имаме шанса за пласман на СП

Женската ракометна репрезентација на Македонија го загуби првиот натпревар во бараж двомечот против Украина со 22-24 во Скопје. Катастрофалниот прв дел од средбата беше анулиран и девојките на Љубомир Савевски успеаја да забележат активен резултат за возвратнит дуел.

Пред втората пресметка со Украинките, своите очекувања ги изнесе една од најискусните во тимот, Елена Ѓорѓиевска. 

„Ако одиграме како што го одигравме второто полувреме, имаме шанси на реваншот. Не ја искористивме предноста на домашниот терен и сега сме во минус. Сепак, не се предаваме и ќе го дадеме максимумот за пласман на Светско првенство. На полувремето се договоривме да бидеме поконцентрирани и да не правиме толку многу грешки. Дисциплинирано влеговме во вториот дел и го вративме резултатот во нормала. 

Требаше да бидеме дисциплинирани, затоа што загубивме од еден ривал кој не е поквалитетен од нас. Можеби еуфоријата, преголемата желба, придонесоа да направивме многу грешки во првото полувреме. Се надевам ќе се поправиме на следниот меч“, изјави Ѓорѓиевска.

Реванш натпреварот се игра во вторник во унгарскиот град Кишварда. Украинките немаат предност на домашен паркет, па Македонија може да го искористи тоа. Дуелот е закажан во терминот до 17:00 часот.