• Мартин Танасковски

Капитенот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев, со оптимизам гледа кон новата сезона во која скопскиот клуб, покрај настапите на домашната сцена, ќе се натпреварува и во Европскиот куп на ЕХФ, како и во новоформираната Регионална лига. Македонскиот ракометар истакна дека атмосферата во тимот е одлична и дека подготовките се одвиваат според планираното.
„Се чувствувам индивидуално одлично, тимот е во една позитивна енергија. Се работи напорно. Трениравме две недели во Скопје, сега сме во Маврово. Тој период ќе гледаме да го искористиме што подобро да се воиграме. Имаме тројца нови играчи, искусни со многу натпревари во нозете и сигурно ќе бидат додадена вредност на екипата. Ланската сезона за нас беше тешка од повеќе аспекти, но тоа е минато, со чисти глави и позитивна енергија, одиме во следните предизвици.
Треба да научиме од минатото, работиме напорно за предизвиците кои ни претстојат. Македонската лига од година во година е посериозна, има квалитетни екипи, сите носат играчи, посебно екипите од „големата четворка“. Ни следи интересна сезона. Имаме добар тим, ќе играме на четири фронта, ќе се трудиме за резултати на сите натпревари до самиот крај“, изјави Ѓорѓиев.
Алкалоид го чекаат уште неколку пријателски натпревари до првиот официјален натпревар во Регионалната лига.






