• Мартин Танасковски
Македонскиот репрезентативец Игор Ѓорѓиев и во новата сезона ќе биде капитен на Алкалоид. За време на подготовките во Маврово, бекот говореше за клупската интернет-страница во изјава во која изрази задоволство од текот на подготовките и тимот кој македонскиот Куп-освојувач го има.
„Првата фаза ја одработивме во Скопје каде што поминавме десет дена. Веќе неколку дена сме во Маврово, подготовките се одвиваат во најдобар ред. Ќе се потрудиме да се воиграме добро, тука се и новите играчи со кои работиме заедно. Со нас е и Франциско, кој е нов странски играч во нашата екипа и сите му помагаме полесно да се адаптира. Тренираме напорно за да бидеме физички подготвени, а исто така сме посветени и на тактичкиот дел со тренерот Лазаров. Сезоната која ни следи ќе биде интересна, па мора добро да се спремиме за нашите цели и за она кое ни следува. Како екипа имаме поставено наши цели, но ќе одиме од меч во меч. Првиот официјален натпревар ќе ни биде Суперкупот на Македонија, каде сакаме да влеземе максимално спремни за надигрување со ривалот“, изјави Ѓорѓиев.
Алкалоид по подготовките во Маврово ќе замине на турнир во Охрид пред крајот на август кој ќе биде увертира за Суперкупот на Македонија кој е предвиден на стартот на септември.