Ѓорѓиев: Ни следи голем момент за Алкалоид и македонскиот ракомет

Капитенот на Алкалоид, Игор Ѓорѓиев, говореше во име на тимот пред натпреварот против Рунар Сандефјорд во Европскиот Куп на ЕХФ. Средниот бек пред првиот полуфинален дуел кој се игра во Скопје истакна дека посакува продолжување на позитивната европска низа на актуелниот Куп-освојувач.

„Не очекува меч од огромно значење. Прво европско полуфинале за нас. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Како екипа горди сме што успеавме да се пласираме во оваа фаза и да играме за финале. Рунар е екипа која игра типичен брз скандинавски ракомет, првиот меч ни е дома. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка, наш седми играч и да се бориме за историски момент и европско финале. Со оглед на тоа дека имаме тројца или четворица играчи повредени, јас како капитен свесен сум, а и играчите дека мора да функционираме како тим. Ако продолжиме така како што играме до сега, имаме огромни шанси како во европскиот Куп така и во плеј-офот во лигата“, изјави Ѓорѓиев.

Алкалоид досега во Европскиот Куп на ЕХФ нема ниту еден пораз. На патот до финалето, успеа да ги елиминира Драгунас Клаипедас од Литванија, Бриксен од Италија, Вест Виен од Австрија и Баја Маре од Романија. На вкупно осум европски меча, има седум победи и едно реми.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Рунар се игра во недела од 19:00 часот во салата „Автокоманда“.