Ѓорѓиев: На секој меч игравме со срце, заслуживме втора победа на ова СП

Ракометната репрезентација на Македонија забележа триумф (39-34) во второто коло од главната фаза на Светското првенство. Сите нашите репрезентативци и членови на стручниот штаб блескаа од среќа во микс-зоната и првата средба со новинарите.

По натпреварот пред медиумите зборуваше Игор Ѓорѓиев, кој го сподели својот став.

„Пред сè сакам да им честитам на моите соиграчи за борбата и прикажаното. Ја заслуживме оваа втора победа бидејќи на секој натпревар игравме со срце и дававме максимум.

Вчера имавме ден да се подготвиме за Катар, па договореното го покажавме на терен“, изјави Ѓорѓиев.

Македонија во последната рунда на Мундијалот ќе игра против Франција в сабота од 20:30 часот. Тоа треба да биде натпревар за уживање и награда на добриот шампионат.