Ѓорѓески: Со добра одбрана и ограничени грешки до позитивен резултат со Алкалоид

Ракометарите на Охрид ќе го дочекаат Алкалоид во дербито на четвртото коло во плеј-офот на Суперлигата. „Гладијаторите“ ќе го нападнат скопскиот ривал со цел да се избори третото место. 

Во пресрет на натпреварот, своите очекувања ги изнесе голманот Даниел Ѓорѓески. Тој нагласи дека против Алкалоид ќе биде тешко како секогаш, а ја повика и публиката да го поддржи тимот.

„Во среда нè очекува тежок натпревар против екипата на Алкалоид, екипа со која имаме одиграно неколку натпревари оваа сезона. Ова е многу важна средба за двете екипи. Имаме неколку повредени играчи, а исто е и кај нив. Тие кои ќе излеземе на терен мора да дадеме максимум за да оствариме победа. Средбата ќе ја одлучи добра одбрана и што помал број на технички грешки. Максимално се подготвуваме, анализираме доста и работиме напорно. Се надевам на позитивен резултат во среда“, изјави Ѓорѓески.

Средбата во салата „Билјанини Извори“ се игра в среда во терминот од 18:00 часот.