Ѓоргиевска: Ние сме фамилија која што никој не може така лесно да ја сруши

Женската ракометна репрезентација ја оправда улогата на фаворит во квалификациската група и со три победи од исто толку натпревари обезбеди нов бараж за едно Светско првенство. 

Македонскиот капитен, Елена Ѓоргиевска вели дека не беше лесно да се играат три натпревари за три дена, па затоа е среќна за големиот успех и новата шанса за место во ракометниот крем.

„Не е лесно да се играат три натпревари во три дена. Затоа среќна сум што секоја од девојките го издржа овој притисок и го даде максимумот. Најважно од сè е што здрави и без повреди го завршивме овој турнир. Во таборот владееше одлична атмосфера уште од првиот собир, а исто така мора да напоменам дека имавме одлични услови за работа. Одработивме добри подготовки, двата физиотерапевти правеа сè за да можеме да бидеме спремни на секој натпревар“, за Gol.mk изјави Ѓоргиевска.

Наша последна пречка за виза за Шпанија е Романија, селекцијата која во своите редови ја има една од најдобрите ракометарки на светот, Кристина Неагу.

„Романија е доста квалитетна. Станува збор за репрезентација која досега не пропуштила ниту едно Светско првенство. Таму игра најдобриот светски играч, Кристина Неагу, како и одличниот кружен напаѓач Крина Пинтеа.

Наш плус е што неколку репрезентативки настапуваме во Романија и го знаеме нивниот систем на игра. Свесни сме за каков противник станува збор, имаме кратко време за да се подготвиме, бидејќи Романија има и свои маани. Можеби ние немаме ракометарка од светска класа која би направила разлика на терен, но имаме репрезентација со поискусни и помлади девојќи, со енергија и моќ, заедно сите да се борат како едно срце. Со еден збор, ние сме фамилија која што никој лесно не може да ја сруши“, вели искусната ракометарка. 

Првиот бараж натпревар го играме во Романија на 16 или 17 април, додека реванш средбата е закажана за 20 или 21 април.