Ѓорчепетровки во голем стил до пехар: Победија со 52 разлика и го одбранија тронот!

Ракометарките на Ѓорче Петров ја одбранија титулата во Суперлигата кај дамите, откако го декласираа тимот на Шампион со неверојатни 64-12. Со овој триумф старо-новиот шампион остана недостижен за екипата на Чаир која финишира на второто место. 

Девојките на Симе Симовски успеаја трета година во низа да ја освојат титулата и тоа ќе значи нов излез во Европа. Во клупската историја ова е јубилејна дваесетта. 

„Лавиците“ од Ѓорче Петров немаа проблеми на денешниот дуел против Шампион. Уште на полувреме водеа со убедливи 30-4, а потоа во вториот дел го комплетираа дебаклот за противничките. Најдобар стрелец беше Емилијана Ризоска која даде 13 гола, додека Ева Божиновска погоди девет пати. Кај гостинскиот колектив по три погодоци запишаа Филипова и Ристевска.

Откако го обезбедија трофејот во првенството, Ѓорчепетровки сега ќе се насочат кон завршницата на Купот на Македонија следниот викенд.