Ѓорче Петров со три бразилски засилувања ќе атакува на завршницата во Еврокупот

Актуелниот шампион на Македонија, Ѓорче Петров, добива уште едно засилување од Бразил. Се работи за Талита Алмеида, ракометарка која настапува на десната бековска позиција и се очекува да биде големо засилување за тимот на тренерот Симе Симовски. 

Бразилката Алмеида ќе ја зголеми ротацијата, а за неа ова ќе биде прв интернационален ангажман во кариерата. Таа ја зголемува бразилската „колонија“ во редовите на ѓорчепетровци, кои претходно потпишаа договори со десното крило Луана Форте и кружниот напаѓач Милена Менезес.

Со овие нови засилувања, Ѓорче Петров ќе се обиде да се најде во завршницата во Еврокупот на ЕХФ, третото по ранг натпреварување на стариот континент. Нашиот првак во четвртфиналето ќе се соочи со шпанскиот клуб Елче. Првиот натпревар ќе се одигра во Шпанија на 10 март, а реваншот во Скопје е закажан за една недела подоцна.