• Горан Упале
Екипата на Ѓер го освои третото место на завршниот турнир во женската ракометна Лига на шампионите. Во малото финале во Будимпешта поранешниот шампион во возбудлив натпревар и по голема драма го совлада тимот на Есбјерг со 28-27 и така по ланското вицешампионско место, оваа сезона Лигата на шампионите ја завршува на третата позиција.
Данскиот тим по шокантниот пораз во полуфиналето во последната минута, денес на терен делуваше целосно индиспонирано и незаинтересирано, а тоа го искористија ракометарките на Ѓер, кои со сигурна игра уште во првото полувреме го решија прашањето на победникот на натпреварот. По израмнетиот старт, и неколку промени на водствата, унгарските ракометарки влегоа во ритам и за краток период направија разлика од шест гола, која до крајот на полувремето ја зголеми на уште еден (16-9). Во овој период најдобра поединка на паркетот беше Блом со четири гола, еден помалку имаше Офтедал. На спротивната страна за Есбјерг два гола имаше Хајндал.
Во вториот дел ситуацијата на теренот драстично се промени. Ѓер по двата врзани гола за „+9“ влезе во голема криза, па противникот ја презеде контролата и фати ритам. Есбјерг успеа целосно да се врати во игра, ја анулира високата негатива и во финалните десет минути се влезе со егал резултат од 22-22. Следуваше голема борба и неизвесност до самиот крај по кој славеа „домашните“ ракометарки со 28-27. Ана Грос со шест гола беше најефикасна кај победникот, а шест погодоци кај поразената екипа постигна Вилде Мортенсен Ингстад.
Вајперс Кристансанд и Ференцварош од 18:00 часот го играат финалниот натпревар во распродадената арена „МВМ Дом“.