Ѓер по три изданија се врати на женскиот европски ракометен трон

Унгарскиот ракометен великан Ѓер повторно е првак во женската ракометна Лига на шампиони. Фаворитот на хартија лесно се справи со дебитантот Битигхајм (30-23) и така по три изданија на елитното натпреварување се врати на тронот.

Низ изминатите три сезони видовме норвешка доминација со титулите на Виперс Кристијансанд, но таа заврши. Зеленото повторно е во мода, затоа што Ѓер дојде до шестата европска титула, прва по 2019 година.

Уште од стартот беше јасно дека Ѓер пред домашната публика во Будимпешта нема да ја испушти шансата за да се врати на тронот. Тргна сигурно, на стартот имаше 6-2, а потоа предноста порасна и на 17-12. Вториот дел беше рутина за фаворитот, а највисоката предност на мечот изнесуваше седум гола.

Најдобри кај Ѓер беа Дале и Грос со по шест гола, додека Ѓери-Лукаш даде пет погодока, а кај германскиот бундеслигаш најистакнати беа Хвенфелт со пет и Мала и Смитс со по три гола.

Претходно, во малото финале на Ф4-турнирот од Лигата на шампионите, третото место го освои дански Есбјерг со победа над француски Мец.

ФОТО: Kolektiff