Ѓер го доби дербито со Мец, прва победа за Будуќност во женската ЛШ!

Екипата на унгарскиот Ѓер славеше важна победа во дербито од групата А во женската Лига на шампиони, триумфирајќи на гостувањето кај францускиот Мец со конечен резултат 24-27. 

Унгарките одиграа одличен натпревар, на полувремето беа во егал-ситуација (14-14), а до победата дојдоа во второто полувреме кога постигнаа три гола повеќе од домаќинот. 

Клучната разлика беше направена во последните десетина минути, кога Мец го загуби здивот и дозволи пораз пред своите гледачи. Најдобри ракометарки во победничкиот состав беа Дионе Хушер и Бо ван Ветеринг со по пет постигнати погодоци. 

Гостинска победа извојува и екипата на Будуќност, која славеше со 34-38 кај романската Бистрица. За црногорскиот тим ова беше прва победа во групата, додека Романките го впишаа третиот пораз.