Гисли побрз од сирената, Магдебург по нова драма ја совлада Барса во ЛШ

Ракометарите на Барселона и Магдебург одиграа уште еден трилер натпревар во Лигата на шампионите. По неочекувано убедливата победа на домаќинот во Каталонија во нивното прво соочување оваа сезона, вечерва двете екипи одиграа натпревар речиси идентичен како ланското финале во Келн. И овој пат на крај се радуваше германскиот гигант (29-28) и тоа одново благодарение на неверојатниот Гисли Кристјансон.

Дуелот на двата ракометни великани во целост ги оправда очекувањата на ракометните фанови на стариот континент. Во текот на сите шеесет минути се водеше голема битка, а кога се кршеше резултатот, на сцена стапи Кристјансон и ги презеде работите во свои раце. Ланскиот МВП во Келн блесна во вториот дел, постигна пет гола, од кои последниот пред самиот звук на сирената, за голема победа на својата екипа.

За каталонскиот тим се истакнаа Фраде со осум и Гомез со седум погодоци, додека за бранителот на титулата најпрецизни беа Гисли Кристјансон со шест и Магнусон со пет гола.

Тринаесеттото коло во елитата го затворија екипите на Монпелје и Веспрем, а натпреварот во Франција заврши со победа на гостите со убедливи 31-37. Прв стрелец во таборот на Веспрем беше Валиупау со осум погодоци, а по шест гола запишаа Омар и Ремили. За Монпелје по четири гола постигнаа Порт, Прат и Монте.